Службата за општи и заеднички работи на Владата на Р.М. склучила дополнителни два договори во вредност од 104.518.666 денари (околу 1,7 милиони евра) за доградба на седиштето на извршната власт во центарот на Скопје. За изведба на неокласичното архитектонско решение врз објектот на некогашна „Це – Ка“ до денес се потрошија речиси 12 милиони евра, ако се земат во предвид сите склучени договори со компаниите „Бауер БГ“ и „Декон – Ком“ за реализација на планираните градежни активности. Изработката на новата тераса со посебна заштита и кровна проодна тераса на владиниот објект ќе ја врши фирмата „Бауер БГ“ од Скопје, додека за изведба на градежните работи за адаптација на дел од содржините на истото здание е избрана компанијата „Декон – Ком“ од Скопје.
Во меѓувреме, на градилиштето во строгиот центар на Скопје забрзано се одвиваат активностите за реализација на новата неокласична фасада на објектот на владата. И покрај ветувањата дека целокупниот проект ќе биде завршен во период од една година, и понатаму се работи на финализирање на конструкцијата за фасадата кај дел од препознатливите коцки во рамките на ова здание, наспроти тоа што поминаа една година и четири месеци од почетокот на градежните активности. Во натамошниот период ќе треба да се комплетира и ентериерното уредување на седиштето на Владата на Р.М., за кое веќе е изработен основен и идеен проект од бирото „Архитектоника“ од Скопје.
Изведбата на неокласичната фасада и доградбата на владиниот објект започна кон крајот на април минатата година, врз основа на изготвеното идејно решение на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Основниот проект за менувањето на надворешниот изглед на зданието во духот на „Скопје 2014“ го изработи бирото „Архитектоника“ од Скопје. Пред да стартува процесот на реконструкција и надградба на објектот, авторот на изворното идејно решение за изградба на зградата на „Це – Ка“ Петар Муличковски не даде согласност за промена на неговиот архитектонски труд.