Претходна статија
Општина Штип продаде осум градежни парцели
Следна статија
Македонските градежници во иднина со помалку работа во странство

Нови 120.000 евра за довршување на плоштадот „Пресвета Богородица“

Објавено на 13.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наместо плоштад, кал и неуреден простор веќе неколку месеци. И покрај ветувањето на Град Скопје дека новиот плоштад „Пресвета Богородица“ ќе биде завршен до август, состојбата на терен покажува дека партерното уредување и осветлувањето треба допрва да се изведат. Оваа фреквентна точка во центарот на Скопје е оставена неосветлена, и со расфрланите градежни материјали на терен претставува потенцијална опасност за случајните минувачи. Наместо пуштање во употреба, градската власт дури на почетокот од месецов склучи договор за осветлување на јавниот простор пред црквата „Пресвета Богородица“.

 

 

 

Градежната фирма „Бетон“ од Скопје до јануари наредната година треба да го постави осветлувањето, додека друг изведувач – „Урбан инвест“ е должен целосно да го догради плоштадот. За новите канделабри ќе се потрошат 7.768.648 денари, односно над 120.000 евра. Со овој договор, вкупната вредност на втората фаза од изградбата на плоштадот „Пресвета Богородица“ се искачи на над 670.000 евра. Втората фаза од изградбата на овој сегмент од проектот „Скопје 2014“ се одвива од април годинава, при што досега делумно е изведено партерното уредување, а изградена е и подземната инфраструктура.

 

Севкупно земено, за уредување на новиот скопски плоштад со површина од 5.500 метри квадратни се издвоија над 4,8 милиони евра од буџетите на Општина Центар и на Град Скопје. Првата фаза од плоштадот „Пресвета Богородица“ беше завршена во август 2013 година, заедно со трите фонтани со скулптури на Пресвета Богородица, на свети Никола и на свети Петар и Павле.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk