Претходна статија
Новини во легислативата за градење и урбанистичко планирање
Следна статија
Продолжување на рокот за откуп на дворно место

23,5 милиони евра за нови 12 мали хидроелектрани

Објавено на 28.01.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Денес во Министерството за економија беше ставен потпис на договори за изградба на 12 мали хидроелектрани од четвртиот јавен оглас за енергетски капацитети од ваков вид. Концесиите ги поделија пет фирми – „ЕМК Мали хидроелектрани“ и „Italian Macedonian Power Generation“ ќе градат по четири, „Ел-Те Инженеринг“ две, а „Хидро еко инженеринг“ и „Nord Energy“ по една мала хидроелектрана. Целата инвестиција се проценува на 23,5 милиони евра, додека директниот финансиски ефект во Буџетот на Република Македонија по основ на еднократен надоместок за концесија изнесува над 100 милиони денари.


Предвидено е овие 12 мали хидроелектрани да имаат вкупна инсталирана моќност од 13,6 MW и годишно производство од околу 57 GWh електрична енергија. Заедно со претходно потпишаните 35 договори од првите три јавни огласи, досега се потпишани 47 договори за изградба на мали хидроелектрани со вкупна инсталирана моќност од 34,6 MW и годишно производство од околу 147 GWh. Со ова во наредните три години треба да се реализираат инвестиции кои се проценуваат на 62 милиони евра, а во буџетот да се слеат 230 милиони денари по основ на концесии за користење на водите.


До крајот на февруари треба да биде објавен и петтиот оглас на кој ќе бидат понудени 40 локации за мали хидроелектрани со вкупна инсталирана моќност од 30 MW. Според министерот за економија, Фатмир Бесими, не секогаш има интерес за сите понудени локации, но министерството ќе продолжи со планираната динамика, три пати годишно да објавува оглас за по 40 мали хидроелектрани, се додека не се исцрпат предвидените 400 локации, со вкупна инсталирана моќност од 250 MW и очекувано годишно производство од 1.200 GWh. Постоечките мали хидроелектрани веќе имаат значаен удел во производството на електрична енергија во државата. Во 2009 година од овие капацитети се добиени 168 GWh, а минатата година 249 GWh електрична енергија. За споредба ЕЛЕМ минатата година ја заврши со вкупно производство од 6.462 GWh.