Нема крај на проектот за реконструкција и надградба на булеварот „Србија“ во правец кон населбата Кисела Вода. Градот Скопје деновиве склучи дополнителен договор за изведба на непредвидени работи, вклучувајќи го рушењето на постоечки објекти и изградбата на новопроектирани армиранобетонски ѕидови на оваа траса. На изведувачот „Бауер БГ“ од Скопје ќе му бидат исплатени додатни 12.844.400 денари, со што вкупната цена за пробивањето на булеварот „Србија“ кон Кисела Вода ќе порасне на над 117 милиони денари.
*Од пробивањето на булеварот „Србија“ во април 2017 година
Воедно, градежната компанија добива дополнителни шест месеци за да го заврши проширувањето и надградбата на трасата, на потегот од кружниот тек кај цементарница „Усје“ до улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода. Новиот сегмент од булеварот „Србија“ во должина од 150 метри беше пробиен уште во пролетта 2017 година, но до денешен ден не се завршени севкупните работи на терен.
Камен – темелникот за реконструкција и надградба на булеварот „Србија“ беше поставен на 23 декември 2015 година. Градот Скопје тогаш се обврза дека реализацијата на проектот ќе заврши најдоцна до август 2017 година. Сообраќајницата на овој потег треба да добие четири коловозни ленти од по 3,5 метри, велосипедски патеки во двата правца и пешачка патека.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk