Општина Карпош успешно го заврши проектот за реконструкција на основните училишта што се лоцирани на нејзината територија, а целосно нова училишна зграда добија учениците од населбите Тафталиџе и Нерези кои се школуваат во училиштето „Братство“. Инвестицијата во новиот објектот изнесува 70 милиони денари. Градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски напоменува дека за време на годишните одмори целосно се санирани неколку образовни установи. Училиштето „Аврам Писевски“ во Бардовци доби нов покрив, прозори и термичка фасада, а во него се вложени 8,5 милиони денари. „Христијан Тодоровски – Карпош“ и „Вера Циривири – Трена“ во населбите Карпош 1 и 2 се детално реконструирани со финансиски средства во висина од 40 милиони денари, додека за санирање на недостатоците во „Војдан Чернодрински“ се одвоени 8 милиони денари. Нов покрив, прозори и модерна фасада се изведува и во основното „Владо Тасевски“, каде што вредноста на инвестицијата изнесува 17 милиони денари.
Во шесте образовни установи на територијата на Карпош се инвестираа вкупно 2,5 милиони евра. Покрај училиштата, локалната самоуправа планира да ја комплетира реконструкцијата и на четири градинки – „Орце Николов“, „Пролет“ во населбата Козле, „Пролет“ во населбата Влае и „Распеана младост“, во кои треба да се заменат покривите и делумно прозорците. Во текот на септември ќе се заврши санацијата на дел од спортската сала и поставувањето на нова изолација во објектот „Јан Амос Коменски“. Со финансиски средства од локалниот буџет, минатата година беа реконструирани „Димо Хаџи Димов“, „Петар Поп Арсов“ и „Лазо Трповски“.