Град Скопје ја заврши изградбата на новата велосипедска и пешачка патека на булеварот „8 Септември“, на потегот од хотелот „Александар Палас“ до улицата „Варшавска“. Вкупната должина на патеката е 1.200 метри, додека нејзината ширина изнесува 2,5 метри. Оваа велосипедска патека овозможува поврзување на велосипедските рути 1 и 2 со кејот на Вардар. Во проектот досега се вложени 15 милиони денари. Градските власти во наредниот период планираат да ја продолжат трасата на оваа патека во правец кон булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и кон улицата „Скупи“, со што нејзината должина би се зголемила на 2.044 метри.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Изградбата на оваа велосипедска патека ќе биде своевиден конектор за три од велосипедските рути во Скопје, со што ќе им се овозможи на граѓаните да стигнуваат побрзо со велосипед до своите домови и работни места. Град Скопје во моментов гради нови велосипедски патеки во должина од над 5 километри на булевар „Борис Трајковски“, улица „11 Октомври“, булевар „Крсте Петков Мисирков“ и на улица „Бутелска“.