Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денес го означи почетокот на изградбата на нова патека на левата страна на реката Вардар на потегот од мостот Гоце Делчев до булеварот 8-ми септември. Ролерско – велосипедската патека ќе биде долга 2.810 метри, а широка 4,4 метри и ќе биде идентична како и досега изградените патеки покрај Вардар, асфалтирана и означена со сообраќајни знаци.
Градежниот зафат предвидува изградба на потпорен ѕид во должина од 80 метри на делот каде што не е регулирано коритото на Вардар, а планирано е и поставување на канделабри долж целата патека. Изведувач на работите е компанијата „Жикол“ Дооел Струмица, која ќе треба да го заврши проектот за 3 месеци. Вкупната инвестиција на градот за овој проект изнесува 16,5 милиони денари.
Почетокот на изградбата на нова ролерско – велосипедска патека во Скопје доаѓа во моменти кога сеуште не е завршена патеката на левата страна од реката, на потегот од пешачкиот мост во населба Острово до мостот „Близнак“ во населбата Ново Лисиче. Во однос на застојот кај овој зафат, градоначалникот на Скопје изјави дека во завршна фаза е изградбата на оваа делница од патеката покрај Вардар.
Бојан Блажевски