Општина Бутел инвестираше 10 милиони денари во нова детска градинка во населбата Радишани. Станува збор за објект со површина од 500 метри квадратни, во чии рамки има пет занимални и медицинска соба за болни дечиња. Новата градинка ќе може да прими 120 деца. Целосната опрема во просториите на градинката е набавена со дополнителни средства издвоени од Министерството за труд и социјална политика. Со новата градба се очекува да се реши проблемот со недостиг на места за сместување на деца во градинка од оваа скопска населба.
Градоначалникот на општина Бутел, Петре Латиновски денеска информираше дека локалната самоуправа инвестира и во реконструкција на објект во населбата Бутел 2. Реализацијата на зафатот е со цел да се обезбеди простор за детска градинка, која е предвидено да обезбеди место за згрижување на дечиња од оваа населба.