„City Mall & Residence“ е името на комерцијално – станбениот комплекс кој се гради спроти трговскиот центар „Бисер“ во општината Аеродром [»мапа]. Официјален камен темелник беше поставен денес во присуство на премиерот, иако активностите на градилиштето започнаа пред околу една година. Објектот ќе има вкупно 35 илјади метри квадратни, од кои на 12 илјади ќе се простира трговски центар, за апартманско сместување се предвидени 8 илјади, додека 15 илјади метри квадратни се зацртани за гаражен простор на три подземни нивоа.
Земјиштето беше купено во јули 2010 година, за цена од 600 евра за метар квадратен. Инвеститор е „Сити Плаза ДОО“ зад која стои Ајдован Адемоски, а инвестицијата е во висина од 35 милиони евра. Инвеститорот тврди дека „City Mall & Residence“ ќе отвори 400 нови работни места. Изведувач на градежните работи е „Пера Констракшн“, а надзорот го врши „Рударски институт – друштво за инженеринг“. Се очекува објектот да биде готов за 15 до 18 месеци. „Сити Плаза“ во Аеродром планира да гради и хотел од брендот „Рамада“, за кој најавува инвестиција од 20 милиони евра.