Советот на општина Карпош денеска го усвои ДУП-от за Градска четврт ССИ03 за Блокот 4 од скопската касарна „Илинден“. По долгогодишните неуспешни обиди да го продаде земјиштето за изградба на нови станбени згради, општинарите од Карпош со новиот ДУП ќе се обидат повторно да ја актуелизираат урбанизацијата на овој дел од општината, со што би се смалил притисокот за изградба на нови згради во веќе урбанизираните делови од Карпош. „Според новиот ДУП се предвидува изградба на станбени згради со приземје, пет ката и поткровје, со височина од 21 метар, а се предвидува и изградба на ново училиште, како и објекти за потребите на Министерството за одбрана“ изјави градоначалникот Стефан Богоев.
*Никако да заживее изградбата на нови станбени објекти во касарната „Илинден“; Фото: Архива на „Билд“.
Општинските власти од Карпош во претстојниот период ќе можат да објавуваат огласи за отуѓување на државното неизградено земјиште, со што би се создале услови за изградба на нови станбени згради во касарната „Илинден“. Во изминативе години претходното општинско раководство проба во неколку наврати да продаде градежни парцели од скопската касарна, но ниту еден инвеститор не беше заинтересиран да гради нови колективни згради на оваа локација.
Откако не се успеа со изведба на станови, претходната влада најпрво се одлучи да му подари земјиште на Државниот универзитет во Тетово за изградба на нов универзитетски кампус на оваа локација, заедно со изведбата на нов објект на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците. АРМ во рамките на скопската касарна требаше да изгради 1.400 станови за припадниците на армијата, но ниту една станбена зграда не е изградена до денешен ден. Конечно, претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ додели дел од земјиштето во касарната „Илинден“ на новоформираниот скопски универзитет „Мајка Тереза“, во функција на изградба на нов универзитетски кампус. И покрај тоа, засега нема најава дека ќе се реализира оваа инвестиција.
Во оформените седум блока од целокупната површина на касарната „Илинден“ во моментов останува да функционира македонската војска, а единствена нова инвестиција што се реализираше во изминатава деценија е изградбата на новиот универзитетски град на Меѓународниот балкански универзитет. Една од главните причини за недоволниот интерес за вложување во нови станбени згради во касарната „Илинден“ е токму непостоењето на пристапни улици кон булеварите „Никола Карев“ и „Словенечка“, како и потребата од инвестирање во други инфраструктурни зафати од страна на општината во самиот комплекс.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk