Во рудникот за бакар и злато „Бучим“ во Радовиш, денеска беше пуштена во пробна работа новата фабрика за лужење и производство на катоден бакар. Во нејзе се инвестирани 11 милиони евра и ќе бидат вработени 60 до 70 работници. Фабриката годишно ќе преработува еден милион тони оксидна руда, а ќе се произведуваат помеѓу 2.000 и 3.000 тони катоден бакар. Суровина ќе биде вештачката „планина“ создадена од работењето на „Бучим“, односно околу 130 милиони тони материјал од јаловиштето на комбинатот, кои во изминатите 32 години се таложеа како отпадок од преработената бакарна руда. Со ова, освен економска корист, ќе има и еколошки бенефит и ќе се ублажи проблемот со загадување на водите на реката Тополница и брегалничкиот слив.
Рударството зафаќа скоро третина од индустриското производство во земјава. Оваа гранка вработува 8.000 рудари во 100 рудници и 80 отворени копови и годишно остварува 240 милиони долари извоз.