Повторно се одложува реконструкција на Универзална сала, бидејќи за оваа намена не се предвидени средства во буџетите на Градот Скопје и Министерството за култура. Како што јавува порталот СДК.МК, изработените три проекти се несоодветни и во наредниот период ќе се доразработат за да се пронајде оптимално решение за објектот. Градските власти и надлежното министерство во мај минатата година потпишаа писмо за намери, со кои се дефинираа активностите за заедничко финансирање на реконструкцијата на Универзална сала.
И покрај ваквиот договор за распределување на меѓусебните обврски, во изминатиов период не беше објавен ниту тендер за избор на изведувач. Санациониот зафат на објектот се одложува веќе една деценија наназад, а властите не можат да се усогласат која од двете опции е посоодветна – реконструкција на постојниот објект или изградба на целосно нова зграда. Универзалната сала е затворена повеќе од 3 години, поради проблеми со кровната конструкција.
Универзалната сала во Скопје е ставена во функција на 1 јануари 1966 година. Објектот е изграден со финансиска помош од 35 земји и е изведен по проект изработен од бугарски архитекти, кои изготвиле идентично архитектонско решение и за циркусот во Софија.