Претходна статија
20 милиони денари за реконструкција на водоводот во Теарце
Следна статија
Бунар без дно - нови 48 милиони денари за реконструкција на Албанскиот театар

Невладините остануваат против изградба на магистралниот гасовод на Водно

Објавено на 23.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И покрај сите корекции направени од македонската влада, граѓанските активисти продолжуваат да се противат на изградбата на магистралниот гасовод во Парк-шумата „Водно“. Иницијативата „Го сакам Водно“ денеска организираше прес-конференција пред седиштето на владата, на која потенцираа дека и со најновите измени на трасата ќе се исече шума со површина колку целиот булевар „Партизански одреди“. Тие велат дека не е вистина владината информација дека теренот ќе се врати во првобитната состојба, бидејќи е неопходно целата траса да остане без дрвја за да може во иднина да се пристапува до гасоводот при евентуални оштетувања.

 

Од „Го сакам Водно“ предупредија дека со магистралниот гасовод нема да се намали загадувањето во Скопје, а доведувањето на природниот гас до домаќинствата во Полошкиот регион ќе трае со години. Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево треба допрва да градат градска гасоводна мрежа, која, велат екологистите, ќе се гради и повеќе од 5 години. Од оваа граѓанска иницијатива бараат да се престане со изградбата на магистралниот гасовод на Водно и бараат да се најде алтернативна траса за овој инфраструктурен проект.

 

Од владата вчера известија дека изградбата на гасоводот долг 76 километри ќе продолжи по трасата што минува низ Водно. Сепак, ширината на трасата ќе се стесни од првичните 25 метри на 10 метри, со што ќе се намали за половина опфатот на дрвна маса што би се уништил. За санирање на последиците, од владата велат дека веќе се обезбедени 43 милиони денари за пошумување на падините на Водно, но и потенцираат дека со изградбата на магистралниот гасовод трајно би се решил проблемот со загадување на воздухот во Скопје и во Полошкиот регион и со сечењето на дрвја за греење во зимските месеци.