Проектот „Старите касарни за нов развој“ никако да профункционира во скопската касарна „Илинден“. По втор пат нема заинтересирани инвеститори за реализација на станбени згради, објекти за комерцијални и деловни намени и на здравствена установа. Денешната продажба на градежното земјиште по пат на електронско јавно наддавање заврши неуспешно. Општина Карпош на приватните субјекти им понуди пет локации за изградба на станбени згради на површина од 68.271 метри квадратни, пет парцели за подигање на објекти за комерцијални и деловни намени на површина од 38.814 метри квадратни и едно место со големина од 3.495 метри квадратни наменето за здравствена установа.
Неискористеното атрактивно земјиште во близина на центарот на Скопје во иднина треба да прерасне во модерна населба со станбени згради, комерцијално – деловни објекти, образовни, научни и културни установи, амбасади и паркови. Покрај вложувањето од страна на домашни и странски компании, во рамки на касарната „Илинден“ треба да се оствари и ветувањето на Министерството за одбрана за решавање на станбеното прашање на припадниците на македонската армија, при што во согласност со проектот „АРМ мој вистински дом“ треба да се изградат максимум 1.400 станови. Доколку се продадеа градежните парцели по утврдените почетни цени, тогаш во општинската каса на Карпош и во државниот буџет ќе се влееја преку 10 милиони евра.
» Форумска дискусија за проектот „Старите касарни за нов развој“