Претходна статија
Целиот строг центар на Скопје ќе добие нови фасади
Следна статија
„Адора“ и „Новоградба“ купија градежно земјиште во Лисиче

Нереалната вредност на земјиштето ја диктира високата цена на становите

Објавено на 07.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вториот ден од конференцијата на Саемот за недвижности RealEx измина со интересни обраќања на учесниците преку кои се отворија неколку актуелни теми од областа на недвижностите, заштедата на енергија, градежните материјали и урбанистичкото планирање. Моменталната цена на становите предизвика најмногу внимание на денешниот настан. Љупчо Бораниев, генерален директор на компанијата Бортас во сопственото излагање на тема „Бизнис амбиентот во Македонија“ напомена дека нереалното определување на вредноста на градежното земјиште за неколку централни локации во Скопје доведува до формирање на високите цени кај станбените површини. Како пример го наведе Дебар Маало, каде во одредени случаи цената на парцелите за изградба на згради достигнува и до 1.250 евра од метар квадратен.

 

Презентирајќи ја сопствената анализа за распределбата на трошоците потребни за подигање на еден станбен објект, Бораниев појасни дека цената на градежното земјиште учествува со 30% од целокупната вредност на објектот, за самиот процес на градење треба да се издвојат околу 32% од вкупната сума, додека комуналните такси опфаќаат 10% од крајните трошоци за градење станови. Тој особено се спротивстави на високата провизија што ја земаат агенциите за продажба на земјиште и недвижности, која учествува со 2% од вкупната вредност на станбените згради, наспроти смешните 1% од целосните трошоци за објектите кои се одвојуваат за проектантите. Во анализата на Бортас е наведено дека за платите на вработените од компанијата треба да се одвојат 6% од финансиската конструкција на објектот, додека 13% од вкупните трошоци би требало да се наменат за натамошен развој на градежната компанија.

 

Архитектот Луан Деда од британската компанија Скот Браунриг говорејќи на темата „Последните трендови во урбаното планирање“, истакна дека финансиските средства за изградба на објекти стануваат понедостапни, а барањата за квалитетна градба се зголемуваат. Пазарот на недвижности станува поотворен, комплексен и разновиден, а агендата за одржливост на објектите ги зголемува трошоците за нивниот развиток. Истовремено, врз националните влади се врши притисок за зголемување на стандардите поврзани со изградбата на објекти.

 

Архитектот Јоне Јанкоски се претстави со особено интересна презентација на тема „Градење со природни локални материјали“, задржувајќи се на техниките и материјалите на изведба што ги употребувале нашите предци при изградбата на живеалишта. Дрвото, сламата, земјата, варот, гипсот и останатите природни материјали, кои претходните генерации ги преземале од непосредната животна средина,  повторно стануваат актуелни при подигањето на различни градби. Јанкоски напомена неколку познати проекти од европските држави, Африка и Азија кои целосно се изградени од традиционални природни материјали. Идентичен зафат веќе е направен и во селото Јанче во општина Маврово – Ростуше, каде се реставрирани неколку куќи исклучиво со употреба на еколошки материјали од природата.

 

На конференцијата се дискутираше и за заштедата на енергија во индивидуалните и колективните живеалишта. Стане Томц од словенечката компанија „Ремти“ се задржа на некритичното преземање различни технологии за енергетска ефикасност од северноевропските држави. Температурите, кои во регионов се движат околу 34 степени во летниот период и -15 степени во зимскиот период, се значително поразлични од оние во Германија, Холандија и скандинавските држави каде е создадена технологијата за нискоенергетските објекти. Покрај пасивните куќи, Томц како адекватен пример за некритичка примена на увезените системи го наведе подното греење како технологија која потекнува од Германија.

 

На крајот од денешниот настан се отвори и темата за урбанистичкото планирање преку дискусија за Нацрт ГУП на Град Скопје, но за жал без учество во дебатата од страна на нарачателите и изготвувачите на планот. Професорот Михаил Токарев предупреди дека наместо стручноста, во процесот на урбаното планирање доминираат политичките критериуми. Според него, иако во програмските цели и барања е предвидено Скопје да се развива како компактен град, во реалноста се оди токму во спротивна насока. Токарев исто така смета дека за потребите на планирањето на развојот на Скопје е неопходно најпрвин да се израчуна капацитетот на животниот простор во скоската котлина.