Претходна статија
Ќе се врати некогашниот сјај на Паркот на поезијата во Струга
Следна статија
Три нови проекти од програмата за работа на Катастарот

Неокласичниот објект на македонската влада ќе добие и тераси

Објавено на 25.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нови 68 милиони денари или 1,1 милион евра е предвидено да се потрошат на доградба на седиштето на извршната власт во центарот на Скопје. Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија денеска распиша тендер за изведба на тераса со посебна заштита и кровна проодна тераса. Со последниот повик за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи, вкупната сума за неокласична преобразба на објектот надмина 11 милиони евра. Градежните компании што се заинтересирани за учество на тендерот треба да ги достават своите понуди најдоцна до 17 јули, за кога е предвидено и нивното јавно отворање.

 

 

 

Владината служба пред само два дена објави и друг оглас за адаптација на дел од содржините што се наоѓаат во рамките на оваа зграда со површина од 35.200 метри квадратни. Целокупните градежни активности се спроведуваат врз основа на изготвеното идејно решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов и на основниот проект изработен од бирото „Архитектоника“ од Скопје. Изведбата на новата фасада се одвива без согласност на авторот на оригиналниот проект Петар Муличковски, кој јавно се спротивстави на промената на надворешниот изглед на објектот.