Претходна статија
Надлежните конечно се сетија на уништената спортска сала „Партизан“
Следна статија
Куманово со монтажни гаражи ќе го решава проблемот со паркирање

Нема промени со недовршената фасада на објектот на ЕЛЕМ и ЕВН

Објавено на 16.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И по една година и три месеци од првичното ветување за враќање на модернистичкиот изглед на некогашната стаклена фасада на зградата на Електростопанството на Македонија, нема никакво помрднување за довршување на изведбата на надворешниот лик на овој објект во строгиот центар на Скопје. Владиниот портпарол Муамет Хоџа на денешната прес – конференција во владата појасни дека нема новини околу реализацијата на фасадното уредување на објектот на ЕЛЕМ и ЕВН. „Што ќе се прави понатаму, јавноста ќе биде благовремено известена“, изјави владиниот портпарол.

 

*Ќе успее ли некогашното седиште на Електростопанството на Македонија да се спаси од „барокот“?

 

Во изминативе месеци од ЕЛЕМ во неколку наврати доаѓаа мислења дека објектот треба да си го добие стариот препознатлив лик со стаклена фасада, дизајнирана од познатиот белградски архитект Бранко Петричиќ. Најновиот момент околу овој проект е веста дека државната енергетска компанија ЕЛЕМ треба да се пресели во новиот објект кај Старата железничка станица, додека ЕВН деновиве го огласи на продажба својот дел од објектот што досега го користеше.

 

Од владата денеска појаснија дека со ЕВН ќе треба да се расчистат во целост имотно – правните односи околу овој објект, додека канцеларискиот простор што досега го поседуваше ЕЛЕМ ќе остане во државна сопственост. „Делот на ЕЛЕМ останува во владение на Службата за општи и заеднички работи. Владата ќе го додели на користење на институциите кои во моментов плаќаат закупнина“, изјави владиниот портпарол Муамет Хоџа.

 

„Барокизацијата“ на објектот на ЕЛЕМ и ЕВН е сопрена повеќе од две години. Проектот вреден 4,3 милиони евра досега успеа да ја уништи препознатливата стаклена фасада на овој модернистички објект, но не и да го доврши „барокот“ од „Скопје 2014“, за кој и самиот СДСМ во објавените бомби тврдеше дека се реализира по налог на поранешниот премиер Никола Груевски.