Претходна статија
Трет тендер за конгресниот центар Александар Македонски
Следна статија
Битола бара инвеститор за аква парк

Нема крај на реконструкцијата на Собранието

Објавено на 01.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дополнителни 227.400.000 денари (околу 3,7 милиони евра без вклучен ДДВ) е предвидено дека ќе се потрошат за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во објектот на Собранието на Република Македонија. Според објавените податоци на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, најновите ентериерни корекции ќе се спроведат во временски период од 24 месеци. Досегашната санација и надградба на парламентарниот дом ги чинеше македонските граѓани над 11 милиони евра.

 

 

И покрај сите најави дека објектот ќе биде целосно комплетиран до почетокот на 2015 година, најновиот тендер потврдува дека на овој градителски проект треба да се работи и во претстојниот период. Во моментов се изведуваат градежни активности за реконструкција на дел од фасадата. Зафатот за санација и надградба на зградата се одвива веќе петта година по ред, ако се земе во предвид фактот дека изведбените работи започнаа во април 2010 година.

 

Зданието на Собранието на Република Македонија е изградено во 1938 година, според проектот на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак. Архитектонскиот конкурс за проектирање бил објавен во 1930 година, а на него победил авторот Виктор Лукомски. Во 1939 година објектот бил пуштен во употреба, и тоа како Управна палата на тогашната локална самоуправа. По Втората светска војна, во ова здание била сместена целокупната администрација на македонската народна власт.

 

 

Бојан Блажевски