Претходна статија
4,1 милиони евра за рехабилитација на патиштата во североисточниот и полошкиот регион
Следна статија
Сплетки со отуѓувањето на парцелата за објектот со шпански скали на плоштадот „Македонија“

Нема да има промена на фасадите на ГТЦ и на зградата на ЕВН

Објавено на 17.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ГТЦ и ЕВННајавените барокни фасади на Градскиот трговски центар и на зградата во која е сместено седиштето на ЕВН нема да се изведуваат. Советот на општина Центар не го донесе Деталниот урбанистички план за строгиот центар на Скопје (Мал Ринг), со кој беше предвидена ваква интервенција врз надворешниот изглед на овие два објекти во главниот град. „Успеавме да ги спасиме ЕВН и ГТЦ. Објектот на ГТЦ е изграден по конкурс на југословенско ниво како првонаграден проект, добитник е на националната награда „11 октомври“ и добитник на највисоко југословенско архитектонско признание. Зградата на ЕВН е претставник на „Ѕид завеса“ – правец во архитектурата“, потенцираше градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски во денешната изјава за медиумите.

 

Покрај ДУП „Мал Ринг“, советниците од централната скопска општина не ги донесоа ниту урбанистичките планови за Капиштец со делови од Старо Долно Водно и за Тасино Чешмиче. Со реакција за ваквиот потег на општина Центар се јавија од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде потенцираат дека градоначалникот Жерновски треба да излезе на прес-конференција и да каже што досега направил или изградил во корист на граѓаните. „Андреј Жерновски мора да знае дека блокирањето на градба, истовремено значи и помалку пари во општинската каса. Огромен дел од средствата од продажбата на земјиштето и од комуналии, што во случајот со општина Центар воопшто не се мали пари“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

 

И додека двете страни меѓусебно се обвинуваат во врска со недонесувањето на урбанистичките планови, раководството на ГТЦ пред неколку дена го објави извештајот за остварена добивка на акционерското друштво за 2012 година. Според објавените информации, нето-добивката на ГТЦ за минатата деловна година изнесувала само 811.462 денари или нешто повеќе од 13 илјади евра. Ако се земе во предвид фактот дека изведбата на новата фасада би чинела неколку милиони евра, се поставува прашањето од каде би се обезбедиле финансиски средства. Податоците од „Билансот на успех“ покажуваат дека ГТЦ остварил минимални приходи и во текот на 2011 година.

 

И покрај недостигот на финансиски средства за реконструкција, раководството на ГТЦ на крајот од мај годинава ги објави резултатите од Конкурсот за избор на идејно решение за доградба и реконструкција на трговскиот центар. Победничкиот архитектонски труд на Жарко Чаушевски и Филип Богатинов предвидуваше изведба на барокна фасада, со доградба на три куполи, десетици антички столбови и изведба на тераса со скулптури на последниот кат од објектот. Ваквиот потег наиде на жестока реакција од Асоцијацијата на архитекти на Македонија и на голем број невладини организации, кои ја иницираа акцијата „Го сакам ГТЦ“ и во неколку наврати организираа протестни собири.