Неизвесности се обвиваат околу новата ограда од ковано железо на скопскиот мост „Слобода“ кај хотелот Холидеј Ин. Веќе неколку рокови за нејзиното поставување се пробиени, а од Градот Скопје не даваат информации за тоа кога ќе започнат работите околу нејзината изведба. Во меѓувреме, на мостот е поставена привремена ограда. Најавената ограда со реализирани слики и мотиви од македонското културно наследство е во вредност од над 70 милиони денари, односно околу 1.150.000 евра. За изработка и монтажа на заштитната ограда и канделабрите на мостот „Слобода“ беше склучен договор со компанијата РЖ Институт од Скопје и со белградската леарница Јеремиќ.
Новата ограда од ковано железо е изработена според замислата на авторите на идејниот проект, Константин Јанев и Маријан Камиловски. Од Градот Скопје за „Билд“ денеска не одговорија колкава е вкупната сума што се одвои за санација на носечката конструкција, тротоарите и осветлување на мостот, заедно со поставувањето на планираната ограда. Градските власти го потпишаа договорот за милионската ограда во првата половина од 2012 година.
Текст, фото: Бојан Блажевски