Претходна статија
Општина Центар со поддршка за велосипедскиот превоз
Следна статија
Зеленилото капитулираше пред градежната експанзија во центарот на Скопје

НБРМ: Цената на становите во Скопје продолжува да паѓа

Објавено на 29.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Идентично како и во изминатите три години, вредноста на становите во главниот град продолжи да паѓа и во текот на првото тримесечие од 2014 година. Според податоците од Кварталниот извештај на Народна банка на Македонија, индексот на цената на овој вид недвижности во Скопје се намалил за 1,2% на квартална основа. Сепак, падот на цените е побавен во споредба со претходниот квартал, кога цената опаднала за 3%. Со најновите придвижувања на пазарот на недвижности, вредноста на станбените единици се најде на најниско ниво по големата градежна експанзија во 2007 и 2008 година.

 

Ваквите движења на квартална основа доведоа до пад на цените и на годишна основа од 3,1%, што претставува побавно намалување во однос на забележаните 3,8% во последниот квартал од 2013 година. „Постојаната висока понуда на пазарот на недвижности насобрана во изминатиот неколкугодишен период е главниот фактор за продолжување на надолните поместувања на цените на становите“, констатираат од Народната банка. Оттаму посочуваат дека само во текот на 2013 година понудата на пазарот на недвижности, во делот на станбени згради, забележала раст од 25% поттикнат од странските и јавните инвестиции.

 

Во Кварталниот извештај се наведува дека во текот на минатата година продолжил трендот на пад на цената на становите, кој изнесувал 3,8%, што претставува забрзување во споредба со 2012 година, кога тој изнесувал 1,7%. Сепак, од Народната банка на Македонија напоменуваат дека почнала да расте побарувачката за станови, што може да се согледа од постојаното зголемување на бројот на станбени кредити, тренд присутен и во првите два месеци од 2014 година. Цената на становите во Скопје се определува со употреба на хедоничкиот индекс на цените на становите, изготвен врз основа на огласите за продажба во главниот град што се објавени од агенциите за недвижности.