Зоран Азманов, претседател на Надзорниот одбор на „Настел“, денеска побара извинување од претседателката на партија ДОМ, Лилјана Поповска поради изнесените тврдења околу изградбата на новиот станбен објект „Настел Тафталиџе“. „Ако Поповска не се извини јавно, тогаш ќе бидеме принудени да преземеме други правни мерки“ рече Азманов. Тој побара дебата во медиумите за проектот, каде со партијата на зелените би се размениле факти. Зоран Азманов тврди дека од имотно-правен аспект не постои никаква законска пречка за градење на зградата, а самиот Детален урбанистички план е донесен во законска процедура.
Од компанијата „Настел“ посочуваат дека новиот станбен комплекс нема да има 1.000 станови, туку вкупно 450. Азманов денеска појасни дека не постои никаков имотно-правен проблем за оформување на парцелата. Тој тврди дека се запазени сите еколошки аспекти при изградбата на објекти, велејќи дека становите ќе се загреваат со топлотни пумпи што ќе користат обновливи извори на енергија. Објектот ќе ги задоволи мерките за енергетска ефикасност, со цел за негово класифицирање во класа А. Паркирањето ќе биде решено во сопствена парцела со 500 паркинг места. Вкупната инвестиција во проектот „Настел Тафталиџе“ е 25 милиони евра.
Денешната прес-конференција на „Настел“ доаѓа по минатонеделното овинување од Демократската обнова на Македонија дека во населбата Тафталиџе 1 се гради урбанистички и еколошки монструм. Од партијата на Лилјана Поповска посочија дека комплексот се гради во населба со главно индивидуални куќи. Тие тогаш излегоа со информации дека Деталниот урбанистички план е донесен на незаконски начин за време на новогодишните празници, но и дека зградата ќе се гради на национализирано земјиште за кое се водел децениски спор.