Култниот ресторан „Езерце“ во Градскиот парк во Скопје ќе се возобновува по пат на јавно – приватно партнерство. Општина Центар наскоро ќе објави повик за пронаоѓање приватен партнер, кој ќе гради на парцелата од 1.046 метри квадратни. Според објавените информации во „Утрински весник“, идниот концесионер ќе стопанисува со угостителскиот објект извесен временски период, по што тој ќе премине во сопственост на Општината. Временскиот период на концесионирање и другите детали ќе се објават во самиот повик. Инвеститорот ќе треба да вложи во изградбата (при што нема да мора да се држи до идејното решение избрано од Општината), а од локалната самоуправа ќе го добие земјиштето на трајно користење.
Руините од некогашниот објект во моментов претставуваат локација за фрлање отпадоци и за вршење на нужда. За да се надмине овој горлив проблем, Општина Центар минатата година избра идејно решение за возобновување на ресторанот „Езерце“. На распишаниот Конкурс за најдобар беше прогласен трудот на Филип Конески, Борко Георгиев и Иво Ѓорѓиев.