Општина Карпош годинава ќе гради иновативен сквер во скопската населба Жданец. На површина од околу 500 метри квадратни, ќе биде уреден мал плоштад со специфична урбана опрема, вклучувајќи светилки во форма на клукачи, клупи во облик на штипки, јарболи – моливи, држачи за велосипеди што ќе изгледаат како спојувалки и други елементи. Тендерот за избор на градежна компанија што ќе ги изврши подготвителните работи и партерното уредување на скверот веќе е распишан. Градежните компании имаат рок до 16 февруари за да ги достават своите понуди до Општина Карпош.
Локалната самоуправа го презентираше проектот за партерно уредување на скверот во Жданец кон крајот на минатата година. Архитектонското решение за овој простор го изработи архитектот Игор Василевски од Креативниот тим на Општина Карпош.