Претходна статија
Еколозите победија, изградбата на ХЕ „Бошков мост“ ќе се пролонгира барем до есен
Следна статија
Oд септември субвенционирани „зелени кредити“ за сончеви колектори

Наплив од заинтересираност за изведба на нови фотонапонски електрани и мали хидроелектрани

Објавено на 20.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Регулаторната комисија за енергетика со полни раце работа во пролетниов период по рекордниот број на поднесени барања за стекнување на привремен или редовен статус на повластен производител на електрична енергија произведена од обновливите извори. Особено забележително е раздвижувањето кај соларните електрани, каде за само еден и пол месец аплицирале компании чиј вкупен број е речиси еквивалентен на целокупната измината 2011 година. Како еден од поголемите проекти, треба да се напомене завршувањето и пуштањето во употреба на соларната електрана на „Текома“ од Штип, објект со инсталирани 4.200 панели со моќност од 777 kW.

 

Сериозни за изградба на големи енергетски објект од овој тип се уште четири компании, кои само во текот на април годинава, за пет проекти се стекнале со привремен статус на производители или пак за нив е донесен заклучок за уредност на барањето. Компаниите „АБ Солар“ од Битола, „Енерго Вевчани“ од Вевчани, „Отворена Енергија“ од Скопје и „Свемек“ од Скопје треба да го раздвижат овој сектор од домашното производство на енергија во периодот што претстои. Инвеститорите предвидуваат да постават вкупно 12.239 соларни панели кои ќе произведуваат импозантни 3.349,21 kW. Само за споредба, досега изградените објекти го снабдуваат енергетскиот пазар со 2.023 kW електрична енергија.

 

Идентична е состојбата и кај фотонапонските електрани со помала моќност од 50 kW, каде само во периодот од 90 дена, за стекнување на привремен статус за повластен производител аплицирале седум компании со ист број  на различни проекти со вкупна инсталирана моќност од 340,825 kW. Веќе изградените мали соларни електрани произведуваат електрична енергија со моќност од 220,765 kW, бројки што доволно говорат за позитивниот исчекор што ќе следи во производството на енергија преку користење на сонцето како обновлив и еколошки извор на енергија.

 

Во идентичниот период, компанијата „Мали хидро електрани“ и „Феро инвест“ од Скопје добија статус на повластен производител и повластена тарифа за производство на електрична енергија за малите хидроелектрани „Брбушница“ во Виница, „Крива Река 2“ во Крива Паланка, „Кркљанска река“ во Крива Паланка, „Кранска река“ во Ресен и „Слатино“ во Дебарца со вкупно инсталирана моќност од 2.688 kW. Во моментов се градат објектите „Селечка река“ во Струга, „Каменичка река“ во Македонска Каменица и „Брајчино“ во Ресен, кои заедно ќе го збогатат македонското производство на електрична енергија со нови 3.624 kW. Како и кај соларните електрани, овие енергетски објекти значително ќе го унапредат искористувањето на обновливите извори на енергија во Македонија.