Нема абер од воведувањето на автоматизиран систем за самоизнајмување на велосипеди во Скопје. Постојниот систем „Скопје изнајми велосипед“ не функционира, додека нов никако да се набави од Град Скопје. Претходното општинско раководство се обиде да набави 100 нови велосипеди и 10 терминали за самоизнајмување, заедно со 300 кориснички картички за изнајмување велосипеди. Иако овој проект беше минорен во споредба со потребите за еден град со големина на Скопје, јавното претпријатие „Градски паркинг“ го стопираше ваквиот тендер уште во текот на минатата есен.
Новото градско раководство во Скопје во изминативе месеци не успеа да распише нов тендер за воведување на јавни велосипеди со електрични брави и интегриран GPS систем како алтернативен јавен превоз во главниот град. Наместо ваков проект, Градот Скопје денеска повторно излезе со најава дека и годинава ќе се субвенционира купување велосипеди од страна на граѓаните. Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на велосипед ќе се објавел утре, а средствата од градскиот буџет ќе се делеле според принципот „прв дојден прв услужен“.
И додека со години наназад се делат субвенции за велосипеди во главниот град, Македонија е една од ретките европски земји што не поседуваат систем за самоизнајмување велосипеди и по повеќе од една деценија од нивното воведување во европските градови. Во многу метрополи овие јавни велосипеди служат како ефикасно средство за превоз во градовите во случај кога не сакате или не можете да го користите јавниот превоз или вашиот автомобил. Покрај тоа што се управувани од општинските власти, во дел од европските градови овие системи за автоматизирано изнајмување велосипеди се раководени и од приватни фирми.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk