Претходна статија
СДСМ бара оставка од Трајановски поради новите „барокни“ фасади
Следна статија
Автобускиот транспорт со негативни резултати на крајот од 2015 година

Наместо нов објект, Универзалната сала ќе се реконструира

Објавено на 18.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за култура се откажа од идејата за изградба на нов објект на местото на Универзална сала во Скопје. Постојниот објект во иднина ќе се реконструира и надгради со одделни придружни содржини. Ова денеска го најавија министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Ваквата одлука за Конгресниот центар Александар Македонски е донесена на владина седница. Реконструктивниот зафат ќе го чини државниот буџет околу 15 милиони евра, што е помалку од предвидените 60 до 65 милиони евра за новото јајцевидно здание што беше избрано на архитектонски Конкурс пред две години.

 

* Отпаѓа од игра јајцевидниот изглед на Универзална сала

 

 

Министерката Канческа – Милевска појасни дека по изборот на идејното решение од бирото „Стоун дизајн“ и направените проценки од проектантската куќа било утврдено дека цената на новиот објект би се движела од 60 до 65 милиони евра. „Имавме долги состаноци со проектантската куќа и побаравме некоја рационализација на одредени содржини и намалување на сумата, така што се стигна некаде до 50 милиони евра, но сепак се увиде дека навистина тој нов објект согласно конкурсното решение навистина доста чини во споредба со реконструкцијата на постоечкиот објект“, изјави министерката за култура.

 

Донесената одлука на надлежното министерство е поради фактот што изградбата на новиот објект ќе биде економски неоправдана и нецелисходна. Со овој потег, избраното идејно решение во форма на јајце на бирото „Стоун дизајн“ нема да се реализира. Реконструктивниот зафат ќе се спроведе врз основа на претходно избраниот архитектонски труд на „Архангел бојс“. Идејното решение од пред осум години ќе претрпи измени за во него да бидат внесени пропратните содржини, ентериерите и сценската технологија. Откако ќе се подготви проектот за реконструкција, документацијата ќе биде доставена на гласање пред Советот на град Скопје.