Претходна статија
Општина Центар ќе гради ново училиште во Капиштец
Следна статија
Зонското паркирање од наредната година и во Струмица

Наместо да се намалува, застапеноста на патниот превоз расте

Објавено на 07.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот транспорт и во текот на 2012 година бележи резултати што се спротивни од сите трендови во развиените европски земји. Според публикацијата „Транспорт и други услуги 2012“ на Државниот завод за статистика, железничкиот превоз е во континуиран пад, драстично се зголемува транспортот на патници и стока со патниот превоз, авионскиот сообраќај бележи стабилен развој, а велосипедскиот транспорт воопшто не ниту влезен во статистичките извештаи на Македонија. Граѓаните од земјава најмногу го користат јавниот превоз во градовите, кој учествува со 54,6% од вкупниот број на превезени патници. По него следува такси превозот со 31,7%, висок процент што ретко може да се сретне во некоја друга европска земја. Во делот на меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај, предничи патниот превоз со 12,2%, наспроти железничкиот транспорт кој бележи учество со само 0,8%.

 

 

 

Континуиран раст е забележан кај авионскиот сообраќај, кој во структурата на превезени патници за 2012 година учествува со 0,7%. Езерскиот сообраќај има минимално учество во бројот на транспортирани лица. Бројот на граѓани што го користеле возот како превозно средство лани изнесувал 1.013.000 патници, наспроти 15.595.000 превезени патници во патниот превоз. Фрапантната дискрепанца од 15 пати во корист на превозот со автобуси ја нема во ниту една друга европска земја. За споредба, во Словенија, која има приближно ист број жители како Македонија, со воз во текот на 2012 година патувале 15,5 милиони патници, додека услугите на патниот превоз ги користеле 29,2 милиони патници.

 

Драстично нерамномерни бројки се добиени и во делот на товарниот сообраќај. Патниот превоз во структурата на превезена стока за 2012 година учествувал со дури 92,5%, додека со воз биле транспортирани само 7,5% од товарот. Во овие бројки минимално учество има воздухопловниот превоз. И додека во Македонија се зголемува разликата помеѓу патниот и железничкиот транспорт, во земјите од ЕУ значително расте обемот на превезена стока со железница, додека во некои европски земји се водат и жестоки дебати за предлагање на насоки со кои би се натерале компаниите да ја користат железницата, наместо камионите во делот на товарниот превоз.