Македонските градежни компании во првото тримесечје од 2014 година издвојувале помалку финансиски средства за изведба на објектите за индивидуално домување. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците во градежништвото за нови објекти од ваков тип се пониски за 1,6%, во споредба со истиот период од 2013 година. Кај издатокот наменет за купување градежни материјали е констатиран пад од 3,1%, додека единствено зголемување од 3,2% има кај трошоците за работниците кои ги граделе новите објекти.
Истовремено, на почетокот од 2014 година е забележано намалување на трошоците од 1,8% и во однос на последниот квартал од 2013 година. Притоа, издатоците за градежни материјали опаднале за 1,4%, додека оние за вработените се пониски за 3,1%. Статистичарите напоменуваат дека индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците на компаниите при изведбата на нови зданија во овој градежен сектор.