Македонската влада на денешната седница одлучи да ги намали каматните стапки од субвенционираните станбени кредити од проектот „Купи куќа, купи стан“. Со усвоените измени во Законот за субвенционирање на станбен кредит се намалуваат каматите од постоечките 4,99% на 3,95% за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5% на 4,44% за четвртата и петтата година, за моделот кај кој се субвенционира дел од месечниот ануитет. Со оваа одлука се намалува месечната рата на граѓаните за околу 1.800 евра вкупно за првите пет години од отплатата на кредитот, во случаи кога е подигнат кредит од 50.000 евра. Во однос на комерцијалните кредити, граѓаните кои ќе аплицираат за субвенциониран станбен кредит ќе остварат каматни заштеди од 2.000 до 3.000 евра.
Со претходните измени на Законот од февруари 2014 година се овозможи добивање на субвенциониран станбен кредит и за лица кои имаат во сопственост најмногу до половина стан, односно куќа стекнати по основ на наследство. Со тогашните измени се зголеми прагот на максималните месечни приходи, кој е еден од условите за добивање на субвенција, и тоа од 900 на 1.300 евра за лицата кои се во брачна заедница. Притоа, под приход се подразбира само приходот од плата, а не и дополнителни приходи.
Рокот за поднесување барање за добивање станбен кредит преку проектот „Купи куќа, купи стан“ истекува на 31 декември 2014 година. Заинтересираните граѓани можат да ги поднесат своите апликации за овој кредит до некоја од експозитурите на осум македонски банки: НЛБ Тутунска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит, Стопанска – Скопје и Стопанска – Битола.