Големата понуда на станови на пазарот на недвижности и опаѓањето на нивната цена доведе и до намалување на издадените одобренија за градење на станбени објекти во последниот месец од минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, инвеститорите во овој вид недвижности ја започнале постапката за изградба на 336 станови со вкупна корисна површина од 33.017 метри квадратни, што претставува пад на бројката на предвидени станови за градење од дури 42,8% и намалување на нивната корисна површина од 31,9% во споредба со декември 2012 година. Физичките лица фигурираат како инвеститори на 307 станбени единици, додека деловните субјекти се јавуваат како инвеститори на 29 станови со површина од незначителни 1.800 метри квадратни.
Како и во досегашниот период, физичките и правните лица се сконцентрирани во изградба на објекти за домување составени најчесто од трисобни (146) и двособни станови (71). Најголем интерес и понатаму владее за изградба на нови живеалишта во скопскиот регион, каде што во текот на декември 2013 година се издадени градежни дозволи за изградба на 98 станбени единици. По него на листата следуваат полошкиот со 83 и пелагонискиот регион со 50 планирани станови за градење. Меѓу општините предничи Гостивар со 60 предвидени живеалишта, по што следуваат Битола со 49 и скопски Карпош со 22 станбени единици за кои е издадено одобрение за градење.
Најновиот извештај на Државниот завод за статистика покажува дека во последниот месец од минатата година се издадени 239 одобренија за градење, што е за 13,7% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.548.401.000 денари, што е за 14,1% помалку во однос на декември 2012 година. Од вкупниот број на издадени градежни дозволи, 195 (81,6%) се наменети за објекти од високоградба, 21 (8,8%) за објекти од нискоградба и 23 (9,6%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 239 зданија, на 185 (77,4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 54 објекти (22,6%) инвеститори се деловни субјекти.