По неколкугодишни ветувања и планови, објектот во кој е сместен Музејот на современа уметност (МСУ) конечно ќе се реконструира. Планирано е да се оспособат околу 1.500 метри квадратни од музејската зграда во која ќе се изложи богатата уметничка колекција со што и оваа културна установа ќе добие постојана поставка од вредни домашни и меѓународни уметнички дела. Проектот предвидува санација на големата галерија на првиот кат под стаклениот покрив на МСУ, а по галерискиот простор предвидена е и промена на прозорците во салонот „Пикасо“. Со реконструкцијата, привремените изложби ќе се префрлат во галерискиот простор на горниот кат. Во салоните „Македонија“, „Скопје“ и „Пикасо“ ќе се смести постојаната поставка.
Предвидено е зафатот врз објектот да започне во мај и да заврши до крајот на 2012 година. Се очекува вредните уметнички дела во сопственост на музејот да бидат претставени пред очите на јавноста во првата половина на 2013 година. Санирањето на оваа културна установа беше пропратена со бројни ветувања и идеи за нејзина натамошна поуспешна функционалност. Минатата година беше претставена идејата МСУ да постане уметнички кварт, во кој покрај изложбите би се инкорпорирале и ателјеа за ликовните уметници, парк со скулптури, кафетерија и сцена за перформанси и музичко – сценски настапи. Зградата на оваа институција е извонредно дело на доцниот модернизам изработено од страна на полските архитекти Ј.Мокшински, Е.Вјежбицки и В.Клишевски. Скопје е еден од првите градови во Југоисточна Европа што основа Музеј на современа уметност уште во 1964 година.