Плодната десетгодишна истражувачка работа на Ана Ивановска Дескова вечерва беше крунисана со предавање и изложба на тема „Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје“. Во своето предавање пред бројната публика во Музејот на град Скопје таа нагласи дека прекинот на модернизациските процеси во архитектурата во Македонија настапува кон крајот на 80-те години на XX век. Најголем дел од објектите на модерната се издигнуваат веднаш по скопскиот земјотрес од 1963 година.
„Највисок интензитет на изградба на објектите е во периодот 1971-1973 година. Интензитетот запира во 1981 година, следејќи го секнувањето на фондовите за обнова на Скопје и следејќи ја влошената политичка ситуација во СФР Југославија“, посочи Ана Ивановска Дескова. Еден од најзначајните симболи на недовршената обнова на Скопје е неостварената изградба на Градската порта. Опсежното истражување на архитектката Ивановска Дескова е реализирано со вклучување на 30 јавни згради од модерната, кои биле подигнати по земјотресот од 1963 година. Авторката изготвила документарни бази за 16 од вкупно 30 објекти вклучени во истражувањето.
Професорката Ана Ивановска Дескова истакна дека периодот по скопскиот земјотрес е златното доба за развој на македонската архитектура, во која за прв пат во историскиот развој на Скопје доминира творештвото на домашните автори. Таа нагласи дека обновата на метрополата по земјотресот е единствениот период кога архитектонската пракса во земјава оди паралелно во чекор со светската архитектонска сцена. Сето тоа е благодарение на државната политика за интензивна модернизација на градот од тоа време.
За разлика од денешната состојба со градењето во Скопје, Ивановска Дескова посочи дека во минатото не постоел универзален архитектонски јазик, со однапред дефинирани правила по кои требало да творат архитектите. „Надворешните притисоци речиси немаат никакво влијание на архитектонското творештво на авторите“, заклучи Ивановска Дескова. По одржаното предавање пред преполната музејска сала, во галерискиот простор од Музејот на град Скопје беше отворена изложбата „Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје“. Архитектот и почесен член на МАНУ, Георги Константиновски одржа поздравен говор пред присутните посетители.
Во изложбениот простор може да се разгледаат неколку макети од симболите на пост-земјотресно Скопје што припаѓаат на модерната архитектура, вклучувајќи го Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Телекомуникацискиот центар, Универзитетскиот центар на УКИМ, Основното училиште „Песталоци“, Музејот на современа уметност и уште неколку други зданија. Сиот труд вложен во вечерашниов настан е производ на макотрпната работа на десетина македонски архитекти, на чело со Ана Ивановска Дескова. Оваа професорка од Архитектонскиот факултет при УКИМ работела на својата истражувачка тема уште од 2006 година, а сиот свој труд го заокружила со одбрана на докторската дисертација кон крајот на 2015 година.
Вечерашниот настан во Музејот на град Скопје се одржа во рамките на XVIII Биенале на македонската архитектура (БИМАС). Најзначајната архитектонска манифестација во земјава оваа година е концепциски сконцентрирана околу темата „Рециклирана архитектура“, а е спонзорирана од „Кнауф Македонија“.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk