Претходна статија
Ќе се помрдне ли проектот за реконструкција на „Езеро Треска“?
Следна статија
Нема промени со недовршената фасада на објектот на ЕЛЕМ и ЕВН

Надлежните конечно се сетија на уништената спортска сала „Партизан“

Објавено на 16.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Десетина месеци по уништувањето на спортската сала „Партизан“ во скопската населба Карпош 3, надлежните власти конечно се сетија на потребата од реконструкција на овој спортски објект дониран од Франција по земјотресот од 1963 година. Општина Карпош денеска иницираше работна средба во врска со спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, на која присуствуваа претставници од Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Јавното претпријатие за стопанисување со спортските објекти.

 

 

„Постои волја од сите засегнати институции за конечно решавање на проблемот со оваа сала, која е дадена под концесија“, изјави градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев. Тој најави дека постојниот објект ќе ја задржи својата функција за спорт и рекреација. На денешниот состанок сите присутни страни заклучија дека е потребно да се почне со иницијативата за спас на салата „Партизан“, со што ќе се спречи натамошното пропаѓање на овој спортски објект.

 

Општина Карпош во наредниот период ќе испрати посебна информација до македонската влада во однос на моменталната состојба во која се наоѓа објектот, целта на локалната самоуправа, проекциите за стопанисување со салата и други потребни детали. По ова, извршната власт треба да го раскине концесискиот договор и да се одлучи кому ќе му ја додели на управување спортската сала „Партизан“.

 

Во изминативе две години овој спортски објект беше целосно уништен од вандали, поради тоа што беше оставен без адекватна чуварска служба и одговорни лица за одржување на објектот. Спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ е изградена во 1969 година, а тогашната донација од француската влада беше користена со децении наназад од жителите на Карпош за одржување на гимнастика, стрелаштво, пинг-понг и други спортови.