Македонија останува земја со висок процент на производство на електрична енергија од јаглен како нееколошки енергенс. Во структурата на бруто-производство на електрична енергија, домашните термоелектрани лани имале учество од 60,82%. Високиот удел на јагленот во вкупното производство следи паралелно со ниската стапка на искористеност на иновативните капацитети за добивање енергија, покажува публикацијата „Статистички албум на Република Македонија“. Па така, во 2015 година комбинираните електрани произвеле само 3,24% од електричната енергија, ветерните електрани учествувале со 2,14%, додека уделот на фотоволтаичните и биогасните централи е далеку под 1% од вкупното производство на електрична енергија.
Наспроти ниското ниво на следење на иновациите во енергетскиот сектор, нашата земја лани остварила добра процентуална застапеност на хидроелектраните. Од водата како обновлив извор на енергија се добиени 33,03% од бруто-производството на електрична енергија. Ваквата структура на македонскиот енергетски систем доаѓа во момент на носење на големи одлуки за натамошниот развој на енергетскиот сектор.
Според проекциите на Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија за периодот до 2035 година, производството на електрична енергија од јаглен ќе треба во наредните две децении да падне на 30%, а паралелно со тоа ќе треба да се работи на воведување на природниот гас и иновативните капацитети кои би го ползувале сонцето, ветерот, водата и биомасата за обезбедување доволни количества на струја.
Европската унија уште пред една година обелодени дека бара од Македонија да се реновираат или затворат термоелектраните „Осломеј“ и „Битола“. Спроведувањето на оваа одлука треба да се заврши во периодот од 2025 до 2030 година. Главната причина за ваквото барање од ЕУ е фактот што овие енергетски капацитети се застарени и не ги исполнуваат строгите европски стандарди, особено во делот на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk