Македонската влада догодина ќе издвои 6.419.925.000 денари за капитални инвестиции во инфраструктурата и во транспортот. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска го презентираше Буџетот на ова министерство за 2019 година. Околу 90% од проектираните средства се расходи наменети за капитални инвестиции, се наведува во соопштението на владината прес – служба. Вкупниот буџет догодина ќе изнесува 7.269.985.000 денари, при што главните средства се наменети за изградба на железницата кон Република Бугарија и за модернизација на пругата од Коридорот 10.
„Во делот на изградба и модернизација на железницата, предвидовме 3 милијарди и 340 милиони денари или за 2 милијарди повеќе споредено со Буџетот за 2018 година. Сакам да најавам дека следната година ќе започнеме со изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, а очекуваме и забрзување на изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце“ изјави министерот Сугарески.
За изградба на гасоводната мрежа догодина ќе се издвојат над 1,5 милијарди денари, односно 1,1 милијарди денари повеќе споредено со тековната година. Преку проектот од Европската инвестициска банка предвидени се 590 милиони денари за изведба на водоводи и канализации низ македонските општини. Воедно, 84 милиони и 210 илјади денари од буџетот се наменети за финансиска поддршка на авиопревозниците што ќе воспоставаат нови линии од македонските аеродроми.
Од буџетот на ова министерство во 2019 година се наменети 123 милиони денари за изградба и реконструкција на локални патишта. Планирано е да се обезбеди и дополнителен заем од 70 милиони евра преку Светската банка, со кој ќе се подобруваат локалните патишта низ општините. Изградбата на социјалните станови ќе продолжи и во наредните 12 месеци, за што Министерството за транспорт и врски ќе издвои 310 милиони денари.
Веќе следната година ќе започне реализацијата на нов проект за олеснување на трговијата на Западен Балкан, за што се проектирани 62 милиони денари. Средствата е предвидено да се инвестираат во подобрување и опремување на граничните премини, мониторинг и безбедност на патниот Коридор 10 и други активности. Министерството за транспорт и врски ќе издвои и 430 милиони денари за субвенционирање на Македонски железници – Транспорт.