Претходна статија
Патничкиот железнички сообраќај лани забележал историски негативни резултати
Следна статија
Зголемен бројот на предвидени станови за градење во јануари

Над 14,2 милиони евра ќе се потрошат за владиниот административен објект спроти хотел „Бристол“

Објавено на 05.03.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Подземните води што се појавија при самиот почеток на градежните работи за изградба на административната зграда спроти хотелот „Бристол“ [»мапа] ја зголемија цената за нејзина реализација. Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) склучи дополнителен договор во вредност од 41.681.676 денари (над 675 илјади евра) за надминување на проблемот при изведбата на овој објект од проектот „Скопје 2014“. Градежната компанија „Бетон“ од Скопје треба да ги реализира неопходните активности во времетраење од 90 денови, пред да продолжи натамошнота изградба. Со овие дополнителни трошоци, вкупната цена на објектот во градба достигна 876.236.676 денари, односно над 14,2 милиони евра.

 

метода „Jet Grouting“Во текот на април минатата година дошло до појавување на подземни води на повисока кота од очекуваното. Во прв момент се започнало со црпење на истата, но поради огромната количина што требало да се исцрпи, постоела опасност и од црпење на ситните песковити состојки во подземната вода што можело да ја наруши стабилноста на постоечките околни објекти. Поради ова одлучено е да се примени „Jet Grounting“ метода, која овозможува фундирање на објектот во сува средина, преку млазно инјектирање колови кои спречуваат продор на подземната вода на местото на фундирање.

 

Административната зграда со предвидена висина од 29 метри (приземје, осум ката и поткровје) се гради веќе неколку месеци на местото на некогашниот парк спроти хотелот „Бристол“. Во неа ќе се сместат Централниот регистар, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија, Регулаторната комисија за енергетика, М-НАВ и АДСДП. Неокласицистичкото идејно решение за овој објект го подготвија авторите Никола Стакинов, Лазар Димов и Живка Ристова.