Претходна статија
Битолските градителски симболи ќе добијат барем малку внимание
Следна статија
„Скопје 2014“ не мирува и на Новогодишните празници

На ред дојде реализацијата на новиот лик на Хавзипашините конаци

Објавено на 02.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

хавзСо задоцнување од неколку години, проектот за реконструкција на Хавзипашините конаци конечно дојде на дневен ред на агендата на Министерството за култура. Н.У. Кинотека на Македонија пред неколку дена го склучи договорот за изработка на основен проект за изградба, обнова и ревитализација на комплексот „Конаци на Хавзи-паша“, лоциран во скопското село Бардовци. Оваа монументално архитектонско здание од XVIII век со средства од државата требаше да биде целосно реконструирано до 2015 година, но извесно е дека крајниот рок ќе претрпи значително одложување.

 

 

 

Во текот на претстојните 10 месеци, треба да се комплетира проектната документација. За нејзината изработка, издвоени се финансиски средства од 7.257.000 денари, а за носител на договорот е избрано Друштвото за проектирање, производство, трговија туризам и услуги „ЈОРД ДООЕЛ“ од Скопје. Објектот ќе се ревитализира врз основа на изработеното идејно решение на архитект Љубиша Ѓорѓевиќ од проектантското биро „Македонија проект“. Архитектонскиот конкурс беше спроведен во текот на 2010 година.

 

Замислениот филмски комплекс е составен од депо, мултимедијален простор, џебно кино и филмски музеј. Во согласност со изработениот архитектонски труд, во централниот дел на Хавзипашините конаци ќе биде сместен фимскиот музеј, заедно со сцена со платно, монтажна кинокабина и гледалиште со капацитет од стотина седишта. Стражарницата од комплексот ќе биде пренаменета во спомен-соба на Хавзи Паша, додека женскиот дел од конаците е предвидено да се адаптира во мултимедијален простор со сцена за кино, театарски претстави и концерти. Од целокупниот комплекс, Н.У. Кинотека на Македонија во моментов единствено ги користи филмските депоа во западниот двор од Хавзипашините конаци.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk