Околу 500 граѓани присуствува на вечерашниот настан на платото пред Градскиот трговски центар, со кој беше означен почетокот на референдумската кампања „Излези за ГТЦ“. Од денес до 26 април ќе се организираат низа од случувања, со кои жителите на општина Центар ќе се поттикнат да излезат и да гласаат на референдумското изјаснување за зачувување на автентичниот лик на ГТЦ. „Во следните 20 дена треба да допреме до срцата на граѓаните на Центар“, истакна Никола Писарев од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Тој напомена дека овој трговски центар во центарот на Скопје е точка на мобилизација на граѓаните.
Со своја поддршка на рефендумот вечерва настапија и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), во чие име говореше претседателката, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ. На настанот се обрати и архитектката Милка Кировска, која ја истакна дека не постои потреба од менување на постоечката фасада на ГТЦ. Архитектонската фела смета дека постојат можности за реконструктивен зафат врз зданието, но притоа мора да се зачува нејзиниот автентичен изглед. „Техничките можности за да се подобрат перформансите на ГТЦ постојат“, изјави архитектката Кировска.
На почетокот на референдумската кампања „Излези за ГТЦ“ во својство на граѓанин присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, додека меѓу публиката можеа да се забележат и бројни македонски архитекти. Во музичкиот дел од вечерашниот настан, поддршка за зачувувањето на ГТЦ со своите настапи дадоа Ана Костовска и Симон Киселички, The John, Џака Накот и Bon Praskiza & Donplaya. Покрај невладиниот сектор, референдумот за зачувување на автентичниот лик на ГТЦ денеска го прифатија наставниците и соработниците при Факултетот за архитектура и дизајн од Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.
Граѓаните на општина Центар ќе ја имаат можноста да гласаат на референдумот што е закажан на 26 април и да одговорат на прашањето: „Дали сте за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ?“. На изјаснување, во периодот помеѓу 7 и 19 часот, може да излезе секој жител на оваа скопска општина што е впишан во Избирачкиот список.
Текст, фото: Бојан Блажевски