Некогашното кино во скопската населба Кисела Вода ќе прерасне во мултимедијален центар со мултифункционална сала за одржување театарски претстави и прикажување на филмови, библиотека, уметнички клуб, кафетерија со галериски простор, административни простории и простории за месна заедница. Општината потпиша договор со фабриката „Карпош“ АД Скопје за реконструкција и адаптација на постоечкиот Дом на културата, здание кое во моментов се наоѓа во руинирана состојба. Вкупната вредност на проектот изнесува 41.681.730 денари (над 675 илјади евра), финансиски средства обезбедени од општинскиот буџет и од буџетот на Министерството за култура.
Во согласност со договорот, проектот ќе се реализира во рок од 18 месеци или најдоцна до крајот на 2015 година. Во идното културно здание е предвидена мултифункционална сала со површина од 315 метри квадратни, која ќе може да прими 144 посетители. Покрај доградбата и надградбата на објектот, со зафатот хортикултурно ќе се уреди околниот простор, а ќе се изведе и паркинг простор за посетителите. Општина Кисела Вода го најави овој проект кон средината на февруари годинава.