Претходна статија
Општина Аеродром донесе спорен ДУП, опозицијата и граѓаните на протести
Следна статија
„Жабецот принц“, „Октоподот Хенк“ и „Љубопитните орли“ ќе ги развеселат дечињата низ парковите

Може ли скопската населба Топаана да постане достојно место за живеење?

Објавено на 07.04.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

На само 1,5 километар од плоштадот „Македонија“, скопската населба Топаана живее во паралелен свет. Со 1% јавен простор, без ниту еден квадрат зеленило и со неплански изградена канализациона мрежа, може да се каже дека граѓаните од оваа населба околу Пластичарската улица го живеат секојдневието на историјата од пред неколку века. Заборавени од општеството, жителите од оваа населба по подолг временски период се стекнаа со можноста да ги искажат своите размислувања околу развојот на местото на живеење преку настанот „Топаана моето достојно место за живеење“ спроведено од Хабитат Македонија, во соработка со Архитектонскиот факултет при УКИМ и здружението Сумнал од Скопје.

 

Студентите по предметот „Одржлив урбан развој“, под менторство на универзитетската професорка Дивна Пенчиќ, ја вложија својата енергија во изработка на 10 идејни решенија за одржлив урбан развој на населбата Топаана. Заедно со предлозите на жителите и стручниот увид во фактичката состојба на терен, идните архитекти ги преточија во план нивните идеи за похумано живеење на граѓаните од овој дел на Скопје. „Студентите покажаа голем ентузијазам и за изработка на задачата во Топаана доброволно се пријавија 35 студенти. За така кус период тие успеаја да изработат 10 проекти, поделени во 10 групи“ вели професорката Дивна Пенчиќ.

 

На студентскиот труд му претходело теренско анкетно истражување спроведено во 736 домаќинства од населбата Топаана. Резултатите покажале дека 43% од жителите на населбата се невработени лица со основно образование, додека 21% од испитаниците остваруваат приходи од 6.000 до 12.000 денари месечно. „Според податоците собрани со оваа анкета, најголемиот број на домови во Топаана се во постапка за легализација. Имено, 18% живеат во легално изградени домови, 17% ги легализирале, а на 58% домовите им се во процес на легализација. Мал дел од анкетираните – 5% живеат во диво изградени објекти, а 2% немаат дом“ ни посочуваат од Хабитат Македонија. Голем број на семејства во оваа населба немаат тоалет и бања во состав на својот дом. Дури 33% од испитаниците користат тоалет што се наоѓа надвор од куќата, додека 32% од анкетираните лица се бањаат надвор од своите домови.

 

*Извор на фотографии: Хабитат Македонија

 

„Топаана е еден предизвик кога се зборува за одржлив урбан развој, знаејќи дека не можеш да рушиш и да дислоцираш население“ вели Александра Савевска, раководителка на проектот од Хабитат Македонија. Фактичката состојба на терен покажала дека во населбата има само едно игралиште за спорт и рекреација и ниту еден парк. Освен реалната ситуација на терен, студентите по архитектура не можеле да се потпрат на Деталниот урбанистички план за Топаана, поаѓајќи од фактот дека мал дел од планираното е реализирано на терен.

 

Наоѓајќи се пред сериозен предизвик, идните архитекти со висока доза на зрелост одговориле на предизвикот. Предлогот „Топаана помеѓу“ на Томи Стојановиќ и Благоја Ристовски предвидел 13 локации во населбата што овозможуваат интервенции во јавниот простор. Студентите предлагаат да им се овозможи на жителите мал пазар со тезги за набавка на продукти, адаптација на спортското игралиште во мултифункционален простор, засадување на дрвја и тревни површини на слободните јавни површини во населбата, но и поставување на урбана опрема.

 

Недостатокот на зеленило и простори за социјализација на жителите го третираат и студентите Кристина Неделковска, Елена Сотировска, Тамара Симјановска, Наум Лазарески и Стефан Станковски. Во изработениот проект се предвидува поставување на локации за рециклирање и воведување на спори улици во населбата. На слободниот простор крај улиците се предвидени простори за социјализација, чија хумана димензија би се надополнила со нивно озеленување. Постојниот спортски терен би се претворил во зелено игралиште, додека реконструкцијата на улиците би овозможила изведба на велосипедски и пешачки патеки за жителите.

 

Помеѓу идејните решенија на студентите по архитектура се прикажани трудови кои предлагаат развој на вертикални градини за групно одгледување на зеленчуци, лабораторија за рециклирање на отпадот, урбани фарми, младински центар и серија од други предлози што би придонеле за одржлив урбан развој на Топаана. Од Хабитат Македонија посочуваат дека наидуваат на разбирање и соработка од скопската општина Чаир, која е заинтересирана да учествува во практична реализација на едно идејно решение на терен. Десетте труда на студентите по архитектура во текот на февруари беа изложени во месната канцеларија во оваа населба.

 

Дел од жителите на населбата учествувале во промоцијата на изработените трудови, давајќи свои мислења за секое понудено решение од студентите. „Се разви супер дискусија и студентите можеа да видат како одредени идеи можат лесно да се имплементираат и зависат од многу малку инвестиции и процедури“ посочува Александра Савевска. Од Хабитат Македонија очекуваат натамошна соработка со локалните власти од Чаир во насока на изработка на проекти за обнова на спортското игралиште и воведување на зелени површини во населбата. Замислата е државата да помогне со финансиски средства во подобрување на условите за живот на граѓаните од овој дел на Скопје.

 

„Проектите беа сериозни и високо стручни, и што е најважно, веднаш применливи. Имено, поголемиот број од изработените предлози, стратегии и решенија веднаш можат да се имплементираат и изведат. Уште поважно, за примена и изведба не се потребни големи финансиски средства, ниту посебни изведбени проекти, и жителите и локалната самоуправа можат самите со свој труд да ги направат“ посочува универзитетската професорка Дивна Пенчиќ.

 

Настанот „Топаана моето достојно место за живеење“ е составен дел на проектот „Права на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“, кој започна со реализација кон средината на декември 2015 година. Хабитат Македонија го спроведува овој проект во соработка со своите партнери РОМА С.О.С од Прилеп, Черења од Штип и Сумнал од Скопје. Севкупните активности се финансирани од Европската унија преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk