Министерството за надворешни работи денеска распиша оглас за изработка на две проектни идејни решенија за натамошниот статус на објектот на македонската амбасада во Будимпешта. Надлежните се обидуваат преку изготвувањето на овие решенија да утврдат што понатаму да се прави со објектот што повеќе од една деценија не се користи во унгарскиот главен град. „Целта на изработката на двете проектни идејни решенија е врз основа на истите да се направи приближен предмер и пресметка со вкупна цена на чинење на реализацијата на работите утврдени со идејните решенија“ се вели во огласот од министерството.
*Објектот на Амбасадата на Република Македонија во Будимпешта во моментов се наоѓа во девастирана состојба
Првиот идеен проект треба да вклучи можност за статичка санација на постоечкиот објект на Амбасадата на Република Македонија, вклучувајќи и ја и планираната надградба на два спрата. Второто идејно решение би предвидело рушење на постојниот објект, и изграба на нов на истата локација, со вкупна површина што е приближна на потребите прикажани во првиот случај
Проектантот ќе треба да ги изврши работите во рок од 20 дена од потпишувањето на договорот, при што вредноста на проектантските работи е проценета на околу 360.000 денари. Постојната зграда на македонската амбасада во Будимпешта беше купена за 3.000.000 евра во 2007 година, но објектот не проработи до денешен ден. Самите простории на објектот се наоѓаат во многу лоша состојба, а на теренот на кој се наоѓа зградата има свлечиште.