Обновата на култниот ресторан „Езерце“ досега ќе беше започната, доколку не се јавеше проблемот со префрлање на државното неизградено земјиште од Министерството за транспорт и врски на општина Центар. Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска на прес – конференција објасни дека средувањето на овој дел од Градскиот парк е во рацете на надлежното министерство, од каде што се очекува одговор. Ако и се додели оваа атрактивна парцела на општина Центар, тогаш постапката за пронаоѓање на приватен инвеститор веднаш ќе започне.
„Министерството сè уште молчи, а она што ме загрижува е најавата дека дозвола ќе се издаде доколку биде во барокен стил“, изјави градоначалникот Жерновски. Тој потврди дека постои голем интерес од домашни и странски инвеститори за вложување во обнова на ресторанот „Езерце“, но притоа дополни дека нема да дозволи целокупниот проект да се реализира во т.н. „барокен“ архитектонски правец. Поради ваквиот спор помеѓу Министерството за транспорт и врски и општина Центар, веќе неколку месеци не може да се распише повикот за пронаоѓање на приватен инвеститор што ќе управува со ресторанот во одреден период, по пат на концесија.
Руините од поранешниот објект во Градскиот парк во моментов претставуваат локација за фрлање на отпадоци и за вршење на нужда од несовесни граѓани. За да се надмине ваквиот проблем, општина Центар веќе избра идејно решение за возобновување на ресторанот „Езерце“. На архитектонскиот Конкурс победи трудот на авторите Филип Конески, Борко Георгиев и Иво Ѓорѓиев, но локалната самоуправа остави простор проектот да се реализира и со друго идејно решение што е соодветно на некогашниот изглед на култното здание.
Бојан Блажевски