Претходна статија
За градежништвото работа има, но цените на градежните услуги ќе паѓаат
Следна статија
Нови поволности за градење на куќа или купување на стан

МЕПСО потпиша договори за два далноводи со должина од 122 километри

Објавено на 07.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Шведската компанија „Елтел Нетворкс ТЕ АБ“ (Eltel Networks TE AB) во конзорциум со српската фирма „Енергомонтажа“ од Белград ќе го гради новиот интерконективен 400 киловолтен далновод од Штип до македонско – српската граница, додека српски конзорциум составен од „Енергомонтажа“ и „Монтпроект“ ќе врши реконструкција на 110 киловолтниот далновод Скопје – Југохром – Тетово. Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) денеска ги склучи договорите за реализација на овие два енергетски инфраструктурни проекти во вкупна вредност од 13,22 милиони евра и должина од 122 километри.

 

Интерконективниот далновод од Штип до границата со северниот сосед е во должина од 70 километри и ќе биде поставен на 168 челично – решеткасти столбови. Инвестицијата во зафатот изнесува 9,7 милиони евра, а рокот на изградба е 17 месеци. Финансиските средства за проектот се обезбедени од кредитна линија на Светската банка и од сопствени средства на државната компанија. Со реализацијата на овој преносен вод, се воведува втора врска со Србија што во иднина ќе создаде услови за зголемување на капацитетите за пренос на електрична енергија и ќе ја зголеми доверливоста на електроенергетските системи на регионално ниво.

 

Реконструкцијата на далноводот Скопје – Југохром – Тетово опфаќа 180 челично – решеткасти столбови на траса долга 52 километри. Вредноста на овој проект изнесува 3,56 милиони евра, обезбедени од самата компанија и преку кредит од Светска банка. Изведувањето на активностите ќе се одвива во наредните 13 месеци. Санираниот далновод ќе овозможи поголем пропусен капацитет на електрична енергија, ќе ги подобри напонските прилики и ќе ги намали загубите на преносната мрежа. Инвестицискиот циклус на МЕПСО е дел од изготвената Студија за развој на преносната мрежа од 2010 до 2020 година, во која е зацртано да се остварат 18 проекти со вкупна вредност од 82,5 милиони евра.