Со кредит од 40,5 милиони евра ќе се врши капитален ремонт на македонската електропреносна мрежа. Државната компанија МЕПСО има намера да ги искористи подигнатите средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во обнова на далноводите, трафостаниците и останатата опрема низ земјава. Распишувањето на тендерските постапки за доделување на договорите на изведувачи е предвидено да започне од 21 август, се наведува во известувањето објавено на веб-страницата на ЕБОР. Целокупната постапка за избор на изведувачи ќе се реализира преку системот за електронски набавки на оваа банкарска институција.
Со престојниот зафат ќе се рехабилитираат 110-киловолтните далноводи „Битола 1 – Прилеп 1“, „Скопје 1 – Миладиновци“, „Велес – Овче Поле“, „ТС Скопје 4 – Велес“, „Штип – Овче Поле“ и „Штип – Пробиштип“. Заедно со обновата на магистралните водови, кредитот од ЕБОР ќе се искористи за обнова на голем дел од трафостаниците во земјава. Воедно, МЕПСО во иднина би добила систем за далечински мониторинг, видео надзор, контрола и приспособување на подстаниците.
Европската банка за обнова и развој го додели кредитот на нашата земја уште во 2015 година. Проектот требаше да почне со реализација уште во 2016 година, но до денешен ден се завршени тендерските постапки единствено за набавка на високонапонска опрема. Со проектот треба да се модернизира целокупната опрема на МЕПСО и да се минимизираат проблемите со снабдување со електрична енергија во некои делови од земјава.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk