МЕПСО инвестира 2,3 милиони евра во изградба на 110 kV двосистемски далновод помеѓу трансформаторските станици „Битола 3“ и „Битола 4“. Сега започнува процесот на поставување проводниците на втората делница од столбно место 3 до столбно место 10. Поставувањето на проводниците е претпоследната етапа од процесот на изградба и опремување на далноводот, а потоа ќе следува монтажа на интегрирано заштитно громобранско и оптичко јаже за трансфер на податоци, со што далноводот ќе може да биде ставен под напон и пуштен во работа.
Зафатот опфаќа изградба на 12 километри комбиниран далновод поставен на 44 столбни места во должина од 11,4 километри и уште 600 метри подземен двосистемски кабел. За потребите на реализацијата на овој проект дополнително се изградени и опремени со високонапонска опрема далноводни полиња во три битолски трансформаторски станици. Оваа инвестиција е од исклучително системско значење заради тоа што со ставањето во функција на овој далновод ќе се формира електроенергетски прстен на трите битолските трансформаторски станици на преносната мрежа: „Битола 2“, „Битола 3“ и „Битола 4“. Со тоа ќе се подобри доверливоста на електроенергетскиот систем во регионот што произведува најголеми количества електрична енергија во Република Македонија и ќе се сведе на минимум ризикот од испади на мрежата и безнапонски состојби. Трансформаторските станици „Битола 2“ и „Битола 3“ МЕПСО ги поврза во ноември минатата година.