Изведба на реконструкција и адаптација на фасада со цел подобрување на енергетската ефикасност и реконструкција на внатрешноста на административната зграда. Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) на овој начин ја образложува најавената изведба на клацистичката фасада на седиштето на компанијата во строгиот центар на Скопје. По првиот неуспешен обид за пронаоѓање на изведувач кој би го реализирал зафатот, раководството на МЕПСО се одлучи по втор пат да објави оглас за оваа намена. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 24 јули, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Државната компанија во текот на минатата година го избра идејното решение, кое е во согласност со протежираните архитектонски правци од останатите зданија од „Скопје 2014“. Врз основа на победничкиот архитектонски труд, основниот проект го изработи проектантското биро „Неимар инженеринг“ од Скопје.
Наместо на архитектонска изложба, класицистичкото решение за зградата на МЕПСО неколку месеци се држеше во тајност. Визуелизацијата на идниот изглед на овој објект за прв пат и беше претставен на јавноста во новата туристичка мапа на главниот град, која одговорните од Градот Скопје ја објавија пред десетина дена. Покрај новиот изглед на стаклената фасада, со претстојниот градежен зафат е предвидено постоечките бетонски столбови да преминат во антички и да се зголеми нивниот број. Висината на финансиските средства што оваа државна компанија треба да ги одвои за проектот ќе се знаат по потпишувањето на договорот со победничката градежна компанија.