Претходна статија
СДСМ бара од компаниите да не учествуваат на тендери за „барокизација“ на Скопје
Следна статија
Градежништвото ќе доживее тежок удар со кратењето европски пари!

Менувањето на фасадите во Скопје без никаква јавност и отчетност

Објавено на 04.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје ги менува фасадите на значајни објекти во централното градско подрачје без никаква јавност и отчетност во работењето. Монтажни скелиња се поставуваат на препознатливи архитектонски творби, без притоа да и се презентира на јавноста изработената проектна документација за новите „барокни“ фасади. За она што се случува со нивните архитектонски творби не знаат ниту нивните автори. Архитект Трајко Димитров напоменува дека никој не го повикал како автор на „Палома Бјанка“ и на дел од објектот на „Интекс“ за да му ја покаже проектната документација за зградата. Дури ниту тој не знае каков ќе биде надворешниот лик на објектот, за кој пред речиси три децении ја вложил својата енергија и знаење при изготвувањето на проектната документација.

 

 

 

И додека монтажните скелиња се поставуваат на објектот на „Интекс“, градските власти не најдоа време да објават барем официјално соопштение во врска со претстојниот зафат на менувањето на ликот на овој објект. Сопствениците на деловниот комплекс „Интекс“ велат дека дале согласност за да се вршат градежни работи на фасадата на објектот лоциран во близина на плоштадот „ВМРО“. „Ние како сопственици на Интекс Бизнис Центарот имаме издадено дозвола за интервенирање врз објектот „Интекс“, меѓутоа не сме носители, ниту нарачатели на проектот за да можеме да ви дадеме подетални информации во моментов“ велат од компанијата „Настел“.

 

Инвеститор во менувањето на надворешниот лик на објектот „Интекс“ е Градот Скопје. Од таму за „Билд“ веќе ги потврдија информациите дека новата „барокна“ фасада ќе се изведува врз основа на изработеното идејно решение на авторите Никола Стакинов и Лазар Димов. Самиот деловен комплекс е сместен во два објекти проектирани од авторите Трајко Димитров и Вера Ќосевска. „Немаат ниту еден валиден документ од мене како автор“, посочува за „Билд“ архитект Трајко Димитров. Проектната документација за новата „барокна“ фасада ја изработи фирмата Матески ЉМ Дооел од Кичево.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk