Претходна статија
„Турбоинженеринг“ ќе ги изработи новите автобуски постојки во Скопје
Следна статија
Станбено - деловниот комплекс „Космос“ повторно се гради

Мал пад во бројот на предвидени станови за градба во текот на октомври

Објавено на 05.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неколкумесечниот пораст на добиените одобренија за градење на станбени објекти за домување, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на октомври постои благо намалување на бројот на предвидени станови за градба во споредба со истиот период лани. Во извештајниот период е планирана изградба на 501 стан со вкупна корисна површина од 42.181 метри квадратни на територијата на целата држава. Градежните компании треба да започнат со изградба на 159 станбени единици со површина од 8.872 метри квадратни, додека физичките лица како инвеститори добиле градежни дозволи за подигање на 342 станови со големина од 33.309 метри квадратни. Информациите покажуваат пад од 1,2% кај бројот на предвидени станови за градба, но и намалување од 8,4% на нивната корисна површина.

 

#И покрај планираната изведба на помали станови кои ќе се понудат на пазарот на недвижности, во статистичките податоци и понатаму се забележува најголем интерес за изградба на двособни и на трисобни станови од страна на деловните субјекти и на физичките лица. Скопскиот со 235, југозападниот со 91 и полошкиот регион со 87 предвидени станови за изградба предничат во однос на останатите делови од Македонија, а финансиските средства во објектите за домување традиционално најмногу се насочуваат кон локалните самоуправи кои се дел од овие региони. Општина Аеродром, со 110 станови кои што се зацртани за изградба во претстојниот период, претставува лидер на ниво на целата држава, а по неа следат Општина Гостивар со 49 и Општина Карпош со 46 станбени единици.

 

Во октомври 2012 година се издадени 258 одобренија за градење што е за 3,7% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на градежни дозволи, 196 (76%) се наменети за објекти од високоградба, 30 (11,6%) за објекти од нискоградба и 32 (12,4%) за објекти за реконструкција. Во согласност со издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.139.109.000 денари што е за 29,1% повеќе во однос на истиот период лани. Најголемо придвижување во изградбата на објекти е забележано во секторот нискоградба, со пораст на градежните дозволи од 87,5% и на предвидената вредност на градежните работи за 674,8%. Од вкупно 258 објекти, на 189 (73,3%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 69 објекти (26,7%) инвеститори се деловни субјекти.