Претходна статија
„Јахја Кемал“ гради ново основно и средно училиште во Тафталиџе
Следна статија
Владата најавува над 200 милиони евра за системите за наводнување

Македонските туристички локалитети со нови содржини

Објавено на 04.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски инвестира во проекти за развој на македонските туристички центри. Со два градежни зафати во Берово и во Дојран се планира подобрување на туристичката понуда за посетителите на овие места. До крајот на јуни треба да заврши проектот за уредување на градската плажа во Дојран. Градежната фирма „КОНСТРУКТОР Рената“ од Скопје работи на уредување на градската плажа во должина од 500 метри и дополнителни 100 метри од плажата на влезот во Стар Дојран. Туристите во текот на претстојната сезона ќе можат да ги користат новите содржини на плажите, кои вклучуваат главен сервисен пункт и два помошни шанкови, три нови тоалети, лежалки, санитарни јазли, како и шест спортски терени за мал фудбал, тенис и одбојка на плажа. Проектот за уредување на плажите во Дојран тежи 1,5 милиони евра.

 

Истовремено, на брегот на Беровското езеро започна изградба на велосипедско – пешачката патека во вкупна должина од 1.680 метри и ширина од 2,5 до 3,5 метри. Фирмата „Стоименов“ од Кочани ќе треба да го реализира проектот на потегот од трупот на хидроакумулацијата до објектот на кајакарскиот клуб. Дел од идната патека во должина од 140 метри ќе биде наменет исклучиво за пешаци. Долж целата патека ќе биде поставено осветлување, а ќе се изведат и осум проширени простори со настрешници, канделабри, павилјони за скара, корпи за отпадоци и клупи за одмор. За оваа намена од надлежното министерство се издвоени финансиски средства во висина од 16 милиони денари.

 

Покрај овие два проекти за развој на туризмот, Владата на Р.М. преку Министерството за транспорт и врски во наредниот период ќе реализира уште неколку слични проекти. Предвидено е да се уредат 600 метри од постоечките плажи долж Преспанското езеро, а неодамна беше потпишан договор во износ од 7,9 милиони денари за изградба на пешачка патека околу Мавровското езеро.